Амбасадорите на ЕУ доцна синоќа (14-ти јуни) начелно се согласија за преговарачките рамки за преговорите за пристап на Украина и Молдавија.



Белгиското претседателство со ЕУ соопшти дека ќе ги свика првите Меѓувладини конференции (ИГК) на 25-ти јуни, кога министрите за европски прашања треба да се состанат во Луксембург, јави Еуроактив.

Меѓувладина конференција со земја-кандидат го означува официјалниот почеток на пристапните преговори, процес кој обично трае со години.

Претходно во јуни, 12 земји од Европската унија потпишаа писмо со кое предлагаат да започнат официјални преговори со Украина и Молдавија за членство во ЕУ до крајот на јуни.

Еурактив, чии новинари го прочитале текстот на писмото, пишуваат дека такво барање е испратено до властите на Белгија, која во моментов претседава со ЕУ. Според изданието, писмото го потпишале Чешка, Шведска, Естонија, Финска, Португалија, Латвија, Полска, Литванија, Германија, Словенија, Романија и Словачка.

Овие земји предложија Европската унија да одржи меѓувладини консултации со Киев и Кишињев во јуни, процедура која служи како официјален почеток на преговарачкиот процес за пристапување кој може да потрае многу години.

Шефот на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на почетокот на неделава на конференцијата за закрепнување на Украина потврди дека Киев ги презел сите неопходни чекори за почеток на пристапните преговори со ЕУ.

Белгија ќе претседава со ЕУ до крајот на јуни, по што улогата ќе премине на Унгарија, чии власти одржуваат блиски врски со Русија и постојано изразуваат скептицизам за перспективите на Украина за европска интеграција.