Директорот на Царинска управа, Стефан Богоев, вели дека во случајот на откриената пооголема пратка мобилни телефони од страна на пропадници на МВР , не станува збор за шверц, туку за пријавени, но соодносот и количините не се исти со тоа што е декларирано.



Два дена откако стока што поминала на Царинската испостава „Аеродром Скопје“ и била натоварена во комбе пресретнато на патот Петровец–Скопје,  директорот Богоев потврди дека станува збор за мобилни телефони и телефонска галантерија.

„Пратката стигнала на Царинската испостава, ја поминала контролата и додека возилото било во движење од Министерството за внатрешни работи беше побарана наша асистенција при контрола на комбето поради индиции дека во него се превезуваат наркотични средства. Во асистенцијата беше вклучено и царинско куче, при што не беа најдени никакви наркотични средства.

Но, цариниците утврдиле дека количината на стоката која била во комбето не соодветствувала со таа во декларацијата. Затоа комбето е пломибирано и задржано на понатамошно постапување“, изјави Богоев за 360 степени.

Директорот Богоев вели дека целта на увозникот била да сокрие дел од количината на стоката за да плати помали давачки, а за тоа, како што вели, ќе биде поднесена и кривична пријава.

Богоев вели и дека дополнително, Секторот за професионална одговорност при Царинската управа започнал постапка со цел да се утврди евентуална одговорност или одредени пропусти на царинските службеници кои ја царинеле стоката.

Тој апелираше „политичките партии да се воздржат од ширење на непроверени податоци и информации, кои единствено можат да наштетат на истрагата“.