Од вкупно 126 учебници по задолжителните предмети, нема дури 43. Само учениците во прво и второ одделение ќе ги добијат сите учебници, објави Комисијата за спречување дискриминација (КСЗД) повикувајќи се на информација од Министерството за образование и наука.



„Учениците во трето одделение се без учебник по сите задолжителни предмети. Допрва следи печатење, преведување и дистрибуција. Од МОН со објаснување дека учебникот е во завршна фаза. Нема учебник по математика, ниту пак е распишан јавен повик за формирање авторски тим. Учениците од другите заедници немаат учебник по македонски јазик, предмет кој е задолжителен. МОН тврди дека причината е што пријавените автори биле несоодветни според нормативот за наставен кадар. Што и да значи тоа“, изјави претседателката на КСЗД, Весна Бендевска.

Таа потсети петтоодделенците немаат учебник по Историја и општество, учебникот кој беше одобрен од националната комисија во ноември 2022 година, испечатен, дистрибуиран, но поради грешки се повлече од употреба.

„МОН тврди дека нов авторски тим и ракописот се во рана фаза на одобрување. Во шесто одделение нема ниту еден учебник по задолжителните предмети, нема ниту одобрување.

Историја нема ниту еден ракопис, авторите на учебникот по српски јазик биле несоодветни според нормативот на наставен кадар.

Учебникот по математика бил во завршна фаза, но тој треба да биде преведен на сите јазици и дистрибуиран.

Учениците од 7., 8. и 9. одделение учат по старата програма и ги користат старите учебници, со исклучок на географија кој, иако е одобрен, не може да се користи.

Според МОН, има проблем со пренос на авторски права со авторот. По предметот Историја има два учебника од различни издавачки куќи, но МОН во моментот не нарачува дополнителен тираж, поради историската комисија. Што и да значи ова“, рече Бендевска на денешната прес-конференција.

Според неа, МОН е обврзан законски сите учебници да ги достави до учениците најдоцна до 31 август, што во случајов не е така.

Бендевска вели дека Комисијата има обврска да покрене прекршочна пријава против утврдениот дискриминатор…

На прашањето кои се следните чекори на Комисијата, Бендевска укажа на судската заштита:

„Ваквата форма на дискриминација законот ја препознава како структурна и системска и Комисијата има право да поведе тужба од јавен интерес против државните институции. Следната седмица како известител по овој предмет ќе го елаборирам пред членовите и ќе донесеме конечна одлука по што ќе ја известиме јавноста“, најави Бендевска.