Работа во мртовечница како казна за возење пијан во Молдавија

Работа во мртовечници и во болници во иднина ќе биде казна во Молдавија за возачите фатени зад воланот под дејство на алкохол, наместо одземањето на возачката дозвола.



Програмата за сузбивање на возењето во пијана состојба ќе трае три месеца и ќе се состои од 12 состаноци, за време на кои казнетите ќе помагаат во лечењето на повредени во сообраќајни несреќи, а предвидена е и работа во мртовечници.

Пилот-проектот неодамна е спроведен во мртовечницата во главниот град Кишињев и во него учествуваа шест мажи осудени за возење под дејство на алкохол. Тие помагаа при испитувањето на лешевите и учествуваа во обдукцијата, отстранувајќи внатрешни органи.

„Ова искуство ме поттикна никогаш повеќе да не седнам пијан зад воланот. Ова беше добра лекција. Мислам дека смрдеата од човечко месо во распаѓање засекогаш ќе ми остане во носот“, изјави еден од учесниците во програмата.