Анкета на Агенцијата за електронски комуникации покажува дека малолетници во просек поминуваат и повеќе од пет часа приклучени на интернет, објави Мкд.Мк.
„Приближно половина од испитаниците или 46,3 проценти знаат дека постои програма за родителска контрола која на лицата помлади од 18 години ќе им овозможи безбеден интернет. Од нив само 10,2 проценти имаат веќе инсталирано таков софтвер, додека од оние испитаници кои немаат инсталирано таков софтвер, а знаат дека истиот постои, околу 61 процент би инсталирале. Околу 10 проценти од испитаниците кои имаат позитивен став кон инсталирање на софтвер за родителска контрола, знаат каде може да го најдат“, пишува во извештајот од испитувањето на јавното мислење од аспект на заштита на корисници на електронски услуги.
Во последните четири години, се наведува во наодите, се забележува тренд на раст во бројот на домаќинства каде интернет пристапот го користат и малолетни лица. Во 2022 година, дури 43,2 проценти од испитаниците одговориле дека малолетни лица користат интернет во нивното домаќинство, а кај дури 85,6 проценти од нив малолетните лица користат интернет секој ден.







