Интерпелацијата за работата на Јовески ја поднесоа пратеници од Алтернатива, Беса и Демократско движење поради, како што соопштија, неговата нетранспарентност во врска со судскиот предмет за пожарот во модуларната болница во Тетово во кој загинаа 14 лица.



Во соопштението во кое информираат дека се приклучуваат кон интерпелацијата, од Левица обвинуваат дека Јовески e поставен на чело на републичкото јавно обвинителство за да го прикрива, како што велат, крупниот организиран криминал, а институцијата ја довел на ниво на карикатура.

„Неговата поспаност во трагичните случаи ‘Дурмо турс’, ‘Беса транс’, модуларна болница Тетово, Клиниката за онкологија и многу други, само ги потврдуваат впечатоците на јавноста дека дотичниот лик, кој никогаш во животот не застапувал обвинение пред суд, не е способен да ја врши оваа важна правосудна функција, па наместо него беше оставено истражувачки новинари да ја работат работата за која се платени истражителите и обвинителите – што е недопустливо“, се наведува во соопштението од Левица.

Од партијата ги повикаа и останатите пратеници да ја поддржат интерпелацијата и го повикаа собранискиот спикер Талат Џафери во најскоро време да ја стави како точка на дневен ред.