Министерството за надворешни работи на Молдавија вчера изрази „длабока загриженост“ поради изјавите на висок руски воен командант дека населението во земјата што зборува руски е угнетувано.



„Овие изјави немаат основа. Молдавија е неутрална земја и овој принцип мора да го почитуваат сите меѓународни учесници, вклучително и Руската Федерација“, објави молдавското министерство на својата веб-страница.

Претходно, руските новински агенции Тас и Интерфакс го цитираа Рустам Минекаев, заменик командант на централниот воен округ на Русија, кој рече дека Русија планира да ги стави Донбас и јужна Украина под целосна контрола за време на втората фаза од, како што ја нарекува, специјална воена операција.

Со тоа, рече тој, Русија ќе го подобри пристапот до молдавскиот проруски регион Придњестровје, кој граничи со Украина, а Киев стравува дека нападите на нејзина територија би можеле да бидат извршени и од тој регион.