Македонија е на дното во Европа според помошта за спас на економијата погодена од коронакризата, покажува компаративната анализа со податоци од Меѓународниот монетарен фонд, Светската банка и Институтот за истражување на економијата „Сазадвеѓ“ од Унгарија.
Со издвоени средства рамни на само 0,2 проценти од нејзиниот бруто домашен производ во 2019 година, Македонија е на претпоследното место на стариот континент.
Зад неа е единствено Белорусија со 0,1 отсто, чиј претседател Александар Лукашенко ја отфрла потребата од посебни мерки за справување со заразата од коронавирус.
Од земјите во опкружувањето најголема државна помош за економијата обезбеди Србија, која издвои 11 проценти од својот БДП. Следуваат Словенија со 8,5 отсто, Грција со 4,5 отсто, Бугарија со 3,5 отсто, Босна и Херцеговина со 3,2 отсто, Косово со 2,3 отсто, Албанија со 1,3 отсто…
Во Европа најголем пакет државна помош за спас на стопанството од речиси една третина од БДП, поточно 30,6 проценти, обезбеди Германија.
Истражувањето го зема предвид периодот од 18 март до 7 април.





