Европскиот парламент вчера усвои резолуција со која се повикува Европската унија да почне пристапни преговори со Молдавија пред крајот на оваа година. Документот беше усвоен со 448 гласа „за“, 45 „против“ и 43 „воздржани“.



Европратениците тврдат дека молдавската влада покажала одлучност и способност да ги исполни барањата поставени од Европската комисија за почеток на преговорите за членство. Тие додадоа дека пристапот на Молдавија во ЕУ ќе претставува геостратешка инвестиција во обединета и силна Европа.

Тие, исто така, нагласуваат дека е важно молдавската влада да продолжи со реформскиот процес во земјата не само за постигнување на политичката цел за влез во ЕУ, туку пред сè за значително подобрување на животниот стандард на Молдавците.

ЕП смета дека финансиската и техничката помош за Молдавија треба да се зголемат со цел да се олесни брзата и ефикасна интеграција на земјата во ЕУ. Ова вклучува брза распределба на нова транша од макрофинансиската помош од страна на Комисијата.

По инвазијата на Русија врз Украина, Молдавија поднесе барање за членство во ЕУ во март 2022 година и доби статус на кандидат во јуни 2022 година. Во април 2023 година ЕП повика за отворање пристапни преговори со Молдавија до крајот на 2023 година, доколку Молдавија ги заврши деветте неопходни преговарачки фази поставени од ЕК.