Без мобилни во училиштата во Општина Аеродром

Ваква препорака е донесена со цел да се заштитат учениците од несоодветни, непристојни, па дури и опасни содржини што секојдневно се шират по одредени социјални мрежи.



Препораката е учениците од прво до деветто одделение во сите основни училишта да не ги поседуваат кај себе и да не ги користат мобилните телефони за време на наставата.

Учениците при влез во училиштата да ги оставаат своите мобилни телефони во посебно означени кутии сместени во посебни простории во рамките на училиштата, од каде ќе можат да ги земат по завршување на наставата. Доколку вработените во училиштата увидат дека некој ученик поседува и втор телефон може да го одземе и да го врати на родителите или старателите.

Ваквата препорака е донесена по спроведените консултации со директорите и стручните служби на училиштата, по што Општина Аеродром покрена иницијатива која наиде на поддршка од страна на училишните одбори и од советите на родители.

Се очекува учениците со поголемо внимание и фокусираност да ги следат предавањата на часовите со што ќе се подобри образовниот процес, но и да развијат поголема друштвеност и емпатија меѓу себе и ќе се избегнат потенцијалната мобингот и меѓуврсничкото насилство, велат од Општината.

Оваа препорака е во насока и на истражувањата спроведени од страна на Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура (УНЕСКО), од каде во јули 2023 година укажаа на негативните ефекти од употребата на паметни телефони врз процесот на учење. УНЕСКО советува за соодветна употреба на технологијата во училиштата.