Морбидно е партијата што ја води човекот во чие време живи гореа пациенти да зборува за жртви во здравството

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ реагира на барањата на опозициската партија за оставка од министерот за здравство Арбен Таравари поради починатите деца на Детската клиника.



„СДСМ нема право да зборува за здравството, затоа што за нивните 7 години власт направи скандали кои граѓаните ги плаќаа со своите животи.

Филипче како министер за здравство, не само што го доведе здравството до колапс, туку и профитираше на секој можен начин и остави зад себе руиниран сектор во кој пациентите умираа по ходниците. СДСМ имаше низа скандали, како на пример Онкологија, каде најранливите беа оставени без соодветна грижа и измамени. Имаше низа скандали во здравството со матни тендери, со заглавување на штипската болница и со уништување на Детската кардиохирургија“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Филипче, потсетуваат од ВМРО-ДПМНЕ дозволи изградба на модуларни болници без стандарди, а кога трагично изгореа пациенти, тој ја обвини техничката опрема. Под водство на Филипче, потенцира ВМРО-ДПМНЕ, медицински персонал беше фатен во кражба на цитостатици, па беше вратен на работа, а болниците останаа без основни лекови.

„Македонија стана држава со најголема смртност од коронавирусот, додека апаратите не се користеа. СДСМ за време на пандемијата наместо транспарентност и решенија, го оптовари здравствениот систем со неефикасни протоколи и со сомнителни договори за вакцини. СДСМ беа неспособни и неодговорни. СДСМ го претвори здравствениот систем во поле за лична корист и ги игнорираше последиците врз животите на граѓаните“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Филипче, како сегашен лидер на СДСМ, ја симболира онаа неказнивост која беше присутна за нивните 7 години, се додава во соопштението.

„Наместо да понесе одговорност, тој остана на врвот на СДСМ, иако како министер ги загрозуваше животите на граѓаните преку коруптивни набавки. СДСМ здравството го претвори во систем каде што имаше ниски плати, недоволна мотивација и отсуство на реформи, што придонесе за масовно иселување на лекарите и  на медицинскиот персонал“, потенцира ВМРО-ДПМНЕ.

Владата на ВМРО-ДПМНЕ, се вели во соопштението, е посветена на враќање на довербата во здравството преку транспарентност и отчетност.

„ВМРО-ДПМНЕ ги става граѓаните на прво место, а активно работи на подобрување на условите за работа на здравствените работници,  на заздравување на здравствениот систем. Пораката е јасна, дека секој кој го злоупотребил здравството ќе биде ставен под лупа на законот. Време е за темелна ревизија и правна одговорност“, се вели во соопштението на владејачката партија.