Само три дена додржа (само)увереноста на претседателот Стево Пендаровски дека Украина и Молдавија нема да добијат почеток на преговори за членство во Европската унија, пред да биде демантиран од Советот на ЕУ.
„Тоа нема да се случи. Значи, Украина и Молдавија нема да добијат сега почеток на преговори затоа што има неколку земји-членки кои, заради сопствени резони, а и затоа што Западен Балкан не смее да биде ставен на вториот колосек, нема да дозволат Украина да напредува во таа смисла“, тврдеше Пендаровски во интервјуто за „360 степени“ на 11 декември.
На 14 декември, пак, ЕУ избриша под со прогнозата на Стево: не само што Украина и Молдавија, кои не контролираат значителен дел од своите територии, на кои имаат руски трупи, добија старт на преговори со Унијата само две години по поднесеното барање за членство, туку и на Грузија ѝ дадоа статус на кандидат!
А Западен Балкан, наспроти резонот на Пендаровски, уште еднаш беше ставен на втор колосек – Македонија и Албанија не почнаа преговори, а само БиХ доби „морковче“. „ЕУ ќе отвори преговори со Босна и Херцеговина кога ќе се постигне потребниот степен на усогласеност со критериумите за членство и ја повика Европската комисија да поднесе извештај до март со цел донесување таква одлука. Јасен сигнал на надеж за нивниот народ и за нашиот континент“, ќе порача претседателот на Советот, Шарл Мишел, очигледно не знаејќи за сосем спротивното очекување на Стево:





