Повисоки плати бараат и вработените кај Народниот правобранител

Вработените во институцијата Народниот правобранител од денес започнуваат мирен протест со кој бараат финансиска независност во користењето на буџетските средства на канцеларијата, а воедно и да се подобри финансиската состојба и мотивација за работа на работниците.



„Секоја Омбудсман институција во светот, па и Народниот правобранител кај нас, треба да биде самостојна и независна, целосно одвоена од институциите спрема кои презема дејствија за заштита на правата на граѓаните, што кај нас не е случај.

Поради закочената постапка на усвојување на измени на постојниот Закон за народниот правобранител, во моментов не можат да се надминат одредени слабости кои се искажани и нотирани од страна на Европската комисија во извештаите за напредокот на државата, а осбено во Извештајот за реализираната Оценска мисија.

Воедно со усвојување на Предлог – Закон за изменување и дополнување на Законот за народниот правобанител кој се наоѓа во Собранието, би се спровела Препораката на Европската комисија против расизам и нетолеранција при Советот на Европа, која препорачува властите да дадат финансиска независност на Канцаларијата на Народниот правобранител за користење на своите буџетски средства, без да се бара одобрение од Министерството за финансии, а воедно и да се подобри финансиската состојба и мотивација за работа на вработените во Народниот правобранител“, рече претседателот на синдикалната организација на Народниот правобранител.

Според него потребно ново законско решение со кое вработените во Народниот правобранител, нема да бидат во кругот на вработени опфатени со Законот за административни службеници, туку ќе бидат самостојни и независни.

Вработените во Народниот правобранител и како орган на Републиката формиран со Устав и закон, јавно го повикаа Собранието на РСМ и пратениците веднаш да спроведат постапка за измена и дополнување на Законот за народен правобранител со вградување на горенаведените споменати прашања.