Светски познатиот музичар Горан Бреговиќ и неговиот бенд не добија дозвола да влезат во Молдавија, иако веќе слетаа на меѓународниот аеродром во Кишињев, соопштија организаторите на фестивалот Густар, кој деновиве се одржува во земјава.
„Со жалење ве известуваме дека бендот на Горан Бреговиќ нема да може да присуствува на планираниот концерт вечерва поради причини кои се надвор од контрола на организаторите на фестивалот или на уметниците“, се вели во објавата на официјалната веб-страница на организаторите на социјалната мрежа.
Во првата реакција на Бреговиќ, уметникот им се извини на своите фанови и уверува дека ќе вложи максимални напори тоа да не се повтори.
„Бевме многу разочарани кога не ни дозволија да влеземе во Молдавија на аеродромот во Кишињев без никакво официјално објаснување. Многу патувам со моите музичари низ Европа и никогаш никаде не сум имал потешкотии…
Многу ми е жал што бев лишен од радоста и задоволството што сум овојпат пред вас, но ве уверувам дека заедно со мојот тим ќе се потрудиме следниот пат моите настапи во Молдавија да не наидат на никакви пречки“, нагласил Бреговиќ.







