„Мајмунски сипаници“ е навредливо име, СЗО бара друго

Генералниот секретар на СЗО, Тедрос Адханом Гебрејесус, изјави дека организацијата работи со партнерите и стручњаците од целиот свет за да се смени името на вирусот на мајмунските сипаници, нејзините видови и болеста што ја предизвикува.



Група научници испратиле барање до Светската здравствена организација за итна промена на името на мајмунските сипаници, а сегашниот назив го сметаат за „неточен“, „дискриминаторски“ и „стигматизирачки“.

Слична загриженост беше изразена и на врвот на пандемијата со коронавирусот, кога новите варијанти на ковид добија имиња според земјите или регионите во кои за првпат биле откриени, што доведе до забрана за патување и други ограничувања за граѓаните од споменатите земји.

Тогаш, СЗО го смени системот на именување на вирусот, додавајќи им на новите варијанти називи според буквите на грчката азбука.

Научниците изразиле загриженост дека преовладува перцепцијата во медиумите и во научната литература дека вирусот на мајмунски сипаници е ендемичен и присутен кај луѓето во некои од африканските земји.

„Во контекст на сегашната глобална епидемија, континуираното споменување на номенклатурата на овој вирус како африкански не е само неточна туку и дискриминаторска и стигматизирачка“, забележуваат стручњаците, кои укажуваат на неадекватното прикажување фотографии со заболени пациенти од Африка, во информативните прилози во медиумите од северната полутопка на Земјата!