Унгарија е земјата која силно се противи на европското ембарго на руската нафта и веќе побара петгодишно одложување.



За сигурно снабдување со нафта, Унгарија треба да има нов нафтовод што ќе ја поврзе со Хрватска, која има излез на море, а за тоа бара гаранции дека Загреб ќе се ангажира за изградба на таква инфраструктура, како и гаранции за добивање европски пари.

Но, тоа што Хрватска има море, е извор на фрустрација за Орбан. Така барем меѓу редови може да се протолкува изјавата што ја даде минатата недела со која имплицира дека хрватското море и е одземено на Унгарија.

„Оние што имаат море и пристаништа, можат да носат нафта со танкери. Да не ни го земеа морето, ќе имавме пристаниште“, рече Орбан во радио-интервју, мислејќи на хрватското крајбрежје кое некогаш беше под Унгарија“ , објави Политико.

Сите 27 членки мора да бидат едногласни за да бидат воведени санкции. Нацрт-санкциите наведуваат одредени исклучоци, но и Словачка и Унгарија ги сметаат за недоволни.