Македонија набави три мобилни системи за набљудување и надзор од Бугарија

Три мобилни системи за набљудување и надзор МУСОН 20ФМ, развиени од бугарската компанија „Оптикоелектрон“, набави Македонија за контрола на својата граница, објави порталот „Булгеријан милитари“ (BulgarianMilitary.com).



Нема официјални информации за вредноста на договорот, но извори на порталот велат дека веќе се водат преговори за второ купување на истите системи, кои ќе обезбедат надзор на речиси 150 километри од копнената граница на земјата.

„МУСОН се развива повеќе од седум години во индустрискиот парк ‘Оптикоелектрон’. Нашиот сосед покажа интерес и ги ценеше можностите на системот. Овој систем го користат и бугарските граничари, а досега неколку скандинавски и средноевропски земји го купиле. За него пројавија интерес и од Блискиот Исток, и од Африка“, изјави Бојан Гарчев од „Оптикоелектрон“.

МУСОН 20ФM е серија развиена од семејството МУСОН на бугарската компанија за оптичко, оптомеханичко и оптоелектронско производство „Оптикоелектрон“. Со овој систем работат Шведска, Финска, Германија, Австрија и Бугарија. Покрај воени или безбедносни цели, тој се користи и во приватниот сектор за заштита на големи производствени области или нафтени полиња.

Купениот МУСОН 20ФМ од Македонија е интегриран во шасија на „Форд 4×4“, но „Оптикоелектрон“ вели дека системот може да се интегрира во десетици различни марки и модели на возила.