Царовска нема време за „Учебници и настава мора да има“ со 75 илјади членови?!

Претставници на Координативното тело на граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има!“, со над 74,6 илјади членови на својата Фејсбук-група, утре напладне ќе се сретнат со соработници, но не и со министерката за образование и наука Мила Царовска, која била „многу зафатена“?!



Наместо неа, ќе ги примел стручниот тим од МОН што работел на измените во Законот за учебници и наставни материјали во основното и средното образование, од кои намерата за целосна замена на печатените со дигитални учебници веќе од новата учебна година предизвика остри реакции и бојкот на наставата од дел од учениците.

„Бојкот на наставата како форма на незадоволство од работењето и постапките на Министерството останува официјален став на групата и продолжува сè до завршувањето на работната средба, а за следните чекори јавноста ќе ја информираме преку медиумите и јавните гласила“, порачаа од иницијативата.