Заев пак за „мултиетнички народ“ во Македонија

Коментирајќи ја венчавката на градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, во Косово, премиерот Зоран Заев повторно го употреби изразот „мултиетнички народ“.



„Секогаш, за секој, сега и овој пат, ако која било порака на иредентизам, на провокација или повреда на чувствата на дел од нашиот мултиетнички народ секако ја осудувам, поради тоа што ние сме авангардата на концептот ‘едно општество за сите’“, рече Заев.

Оксиморонот „мултиетнички народ“ тој првпат го употреби при добивањето признание во Сараево во декември минатата година, кога изјави: „Јас и мојот мултиетнички народ сме навистина среќни луѓе“.

Откако се крена голем прав околу изјавата, тој рече дека не било лапсус тоа што го кажал, туку намерно го сторил тоа!

„Македонскиот народ е секој народ во Северна Македонија. Тоа е мултиетнички народ составен од Срби, Албанци, Бошњаци, Турци и други. Јас намерно го користам овој израз, сепак, сите сме македонски народ, припадници на Северна Македонија“, објасни тогаш Заев, оставајќи ги во чудо сите што под македонски народ ги подразбираат Македонците во етничка смисла, како што под албански народ се сметаат Албанците, под српски народ Србите итн.