Откако Министерството за образование утрово ја лиферуваше веста дека на 22 јуни ќе се одржи квалификационо тестирање за упис во средните училишта каде бројот на пријавени е поголем од оној кој е предвиден со квотата за упис, до нашата редакција пристигнаа бројни реакции од родители кои се исклучително загрижени и исплашени за своите деца во ситуација кога секојдневно има потврдени и по речиси 200 случаи на COVID 19.
„ Во услови со 20 потврдени случаи, во март, ги затворивте училиштата, 3 месеци одлучивте да импровизирате настава, баравте од децата да останат затворени и им ги одземавте најубавите спомени од животот и детството, за сега, во ваква состојба, во која во Скопје секојдневно има над 120 заболени, од кои голем дел асимптоматски, очекувате да ви дозволиме да ги вратите во училници и да ги тестирате за упис во средно училиште кое е задолжително“? – изјавуваат во својата реакција родителите кои се крајно разочарани и изреволтирани од неодговорниот и несериозен пристап на МОН.
Родителите, крајно загрижени, упатуваат отворено писмо до МОН и бараат Министерството прецизно да појасни:
„Како планирате да го спроведете тестирањето на над 320 пријавени ученици (колку што има во едно од најатрактивните училишта во Скопје) во 1 ден во состојба на сериозна здравствена закана?“
„Кога ќе ги објавите протоколите за заштита, ако тестирањето е на 22 јуни, за само 5 дена, за учениците, но и училиштата, да можат да бидат целосно информирани и запознаени со процедурите?“
„Како ќе ни ја гарантирате безбедноста на нашите деца и ќе обезбедите целосна заштита во процесот во кој ќе треба во иста затворена просторија да поминат повеќе од 20 минути колку што досега нѐ убедувавте дека е безбедно и речиси невозможно да се пренесе вирусот?“
„Зошто во изминатата учебна година, и посебно во трите последни месеци од појавувањето на пандемијата МОН не спроведе соодветни анкети за интересите на децата, преферираните училишта и не се организираше соодветно на добиените податоци и информации? Кога конечно ќе ги направат толку најавуваните промени во образованието? Никој ли во МОН и во Бирото за развој не забележува дека ги губиме овие генерации?“ – прашуваат дел од родителите.
Родителите се крајно изреволтирани и не планираат да отстапат. Тие бараат Министерството за образование да си превземе одговорност и да изнајде начин како ќе го заврши процесот на упис на оваа генерација идни средношколци во овие ненормални услови. Воедно родителите очекуваа и детално објаснување што ќе се случува од септември и стравуваат дали нивните деца воопшто ќе ја започнат новата учебна година.
Како и секоја година, и оваа МОН се најде затечено од спроведување на процесот на упис на основците во средните училишта без притоа да понуди соодветни решенија како да го намали стресот и притисокот врз децата и нивните семејства.




