Новинарот Бранко Героски со свое мислење по вчерашната на Зоран Заев, дека партијата СДСМ, на чие чело е, веќе не е македонска туку мултиетничка партија:
(…) „СДСМ е партија која никогаш немала и никогаш не смее да има било каков етнички предзнак или атрибут. Убеден сум дека ова го знае секој член на СДСМ и дека никој не прифаќа партијата да добие етничка дефиниција, макар и да се нарече мултиетничка“, пишува Героски во колумна за Плусинфо.
„Сето тоа нема врска со мултиетничкиот карактер на населението во Македонија. Патем речено, по тоа нашата земја не е ексклузивен пример во Европа и во светот, а најмалку, пак, во регионот. Нема земја која на е мултиетничка. Па што?
СДСМ, како наследничка на некогашната Комунистичка партија на Македонија (подоцна Сојузот на комунисти на Македонија и СКМ – Партија за демократска преобразба), е македонска партија, другар Зоран Заев!
Големи историски битки се водени македонската комунистичка партија да биде таква, македонска и самостојна. И во периодот пред и за време на Втората светска војна (па и порано дури), сè до времето кога СКМ-ПДП, под водство на Петар Гошев, Бранко Црвенковски, Киро Глигоров и другите носечки кадри на таа партија, го предводеше процесот на осамостојување – прво осамостојување на партијата од хегемонистичката политика на југословенската компартија притисната од Милошевиќ, а потоа и осамостојување на Македонија од поранешна Југославија.
Мислам дека нема член на СДСМ којшто ова не го знае. Ако има такви, тоа значи дека тие членови на СДСМ не ја помнат или ја извртуваат, а помладите не ја изучуваат историјата на својата партија.
А да не се знае дека СДСМ е македонска партија навистина е многу грдо!- пишува Героски во колумната од која пренесуваме дел.




