Министерството за образование и наука со допис ги известило училиштата дека двете среди (24 април и 8 мај) кога нема да работат поради одржување на изборите, треба да ги одработат во две саботи (18 мај и 1 јуни).



МОН во дописот со вчерашен датум им укажало дека треба да се исполни одредбата од законот според која учебната година трае 180 наставни денови.

„Иако гласањето во рамки на првиот и вториот изборен круг е закажано во работни денови, учениците нема да изгубат од наставата и да пропуштат дел од наставниот материјал“, посочи МОН.

Покрај тоа, основните училиштата на Град Скопје се задолжени на 15 јуни (сабота) да го надоместат 30 ноември 2023 (четврток) кога не работеа поради одржувањето на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје.

Изборнуите денови, 24 април и 8 мај, неработни за сите

Реагираше Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) на нивната фејсбук-страница, со прашање: „Од кога неработните денови преку ноќ стануваат работни?“ особено што со владина одлука од пред три дена беше одредено дека 24 април и 8 мај се прогласуваат за неработни денови и дека нема да се одработуваат

„Министерот за образование веднаш да го повлече Известувањето до училиштата, со кое се задолжуваат да ги одработат „неработните” денови, прогласени од Владата, заради одржување на претстојните избори. Впрочем, и други учебни години завршувале и биле верифицирани од страна на министерот со помалку од 180 работни денови, како на пример учебната 2021/22 година“, пишува во реакцијата на СОНК.

МОН вчера информираше дека во вторниците 23 април и 7 мај, т.е. деновите пред одржувањето на изборите во државава, наставата во училиштата ќе се реализира вообичаено согласно распоредот, а училиштата во кои утредента ќе се организира гласање ќе работат од 7 до 11 часот, со скратени наставни часови за сите одделенија односно класови.