Порталот „Еурактив“ објави дека 12 од вкупно 27 земји-членки на Европската унија предлагаат почеток на преговори за членство со Украина и со Молдавија во јуни.
Писмото со ваков предлог е потпишано од Чешка, Шведска, Естонија, Финска, Португалија, Летонија, Полска, Литванија, Германија, Словенија, Романија и Словачка.
Тие предлагаат првите консултации со Киев да се одржат во јуни, со што би почнал процес на пристапни преговори што може да потрае со години.
Пречка за почеток на преговори може да биде позицијата на Унгарија, која бара промени за 11 прашања – вклучувајќи ги правата на националните малцинства, трговијата, борбата против корупцијата и земјоделството.
На крајот на јуни Унгарија го презема претседавањето со ЕУ. Пред овој датум, амбасадорите на земјите од ЕУ имаат намера да го разгледаат прашањето за почеток на преговори. Ова би можело да се случи на 7 јуни.






