На Бојан Миовски му се оствари желбата да почне да погодува и во националниот дрес, но фудбалската репрезентација на Македонија одигра само нерешено 1:1 со 155. селекција на листата на ФИФА, Молдавија, во контролниот натпревар одигран на стадионот „Мардан“ во Анталија.
Напаѓачот на шкотски Абердин со 22 гола сезонава во сите клупски натпреварувања во судиското продолжение на првото полувреме го доведе во водство 68. тим во светот со искористување на одбиената топка по ударот од далечина на Енис Барди.
За Миовски ова беше трет погодок за Македонија, но очекуваната победа на „црвено-жолтите“ им ја „украде“ Виталие Дамашкан со еврогол во 82. минута.
Следен тест за избраниците на селекторот Благоја Милевски ќе биде дуелот со Црна Гора в понеделник од 14 часот исто така во Анталија.






