Димитар Ковачевски ја реактуелизира „понудата на СДСМ до сите политички партии, невладини и други организации, како и поединци кои ја делат визијата за европска Македонија да им се приклучат на изборите на 24 април и 8 мај“. И за тоа го избра 152. роденден на апостолот на македонската револуционерна борба Гоце Делчев. Ни помалку, ни повеќе.
Ни срам ни перде, најнеуспешниот премиер во историјата на жална Македонија го (зло)употреби денот на раѓањето на великанот за предизборни цели на партијата што не толку одамна се претставуваше како државотворна, за во само два мандата буквално да ѝ го смени личниот опис на истата таа држава до непрепознатливост. Додуша, несудениот нобеловец од Муртино не за џабе констатира дека ним не им личел патриотизмот, ама од каде на каде, пак, устата им е полна со европеизам?
Се-де-се-то, ДУИ-нг бизнис и нивните приврзоци имаат допирни точки со европската идеја колку денешните сончеви зраци со ланскиот снег. Ако не се смета злоупотребата на европското знаменце при донесувањето на сите (не)можни законски решенија што не можат да ги протуркаат поинаку, за што реагираше и евроамбасадорот Гир.
Власт што е на „ти“ со корупцијата, за чии епидемиски размери (ѝ) посочи и амбасадорката на САД, што го расцвета судството како пупка, за што (ѝ) укажа и амбасадорот на Холандија, што од администрацијата и од институциите направи партиски испостави, што дури и доктори вработува врз етнички наместо врз стручни критериуми, што е некадарна обичен пасош, лична карта и возачка дозвола да им издаде на граѓаните без да ги понижува со часови да чекаат во редици, што е неспособна учебници да отпечати веќе две учебни години, е последната што има (морално) право да повикува за обединување во европски фронт. Таа е антипод, целосна спротивност од европската идеја на Моне, Шуман и Аденауер. Еклатантен пример како една држава не смее да биде водена ни во Африка, а камоли во Европа.
Лажните проевропејци, всушност, немаат што друго да понудат освен празни флоскули за некакви европски фронтови. На Таче, Али и компанија ширењето лажна надеж за нешто во што ни самите не веруваат дека ќе се случи до 2030 година им е само параван зад кој се обидуваат да ги затскријат сопствените крајна неспособност, аздисаност и криминал. Згора, додворувајќи им се на европските фактори со декларативно европејство, мислат дека тие ќе им возвратат со поддршка за уште еден четиригодишен циклус малтретирање на своите граѓани.
А што мисли Европа за нив јасно им кажаа Дирк Јан Коп, но и Димитрија од „Диво месо“ на Горан Стефановски многу пред него: „Ѝ се прди на Европа за вас! Солзи немам да ве исплачам колку сте за тажење!“.





