Академик Катица Ќулавкова се произнесе за трагедијата во Кочани со сопствено видување на Фејсбук.



„ПИСКОТНИЦИ СЕ СЛУШААТ ОД КОЧАНИ ДО НЕБОТО!

Малку е да се каже трагедија за ова што ноќеска се случи во Кочани, во шупата наречена диско;

Малку е да се каже дека им се случил пекол наместо живот на 70 (?) убави млади луѓе;

Малку е да се каже дека стотици семејства се уништени;

Малку е да се каже дека ни во војна не гинат толку бесмислено и толку одеднаш, толку невини;

Малку е да се каже дека Македонија е опасно место за живеење;

Малку е да се каже дека Македонија стана дувло на нечесни, несовесни, криминогени суштества;

Малку е да се каже дека Македонија е проколната, инаку како да се сфати тоа што со невидена мрачна „леснотија“ гинат Македонците, во пожар и по патиштата, од загаден воздух и лоша храна;

Малку е да се каже дека ништо не е случајно, ништо не е без причина;

Малку е да се каже дека останавме сите без збор!

Туку бар некаква поука да извлечеме за отсега па натаму: поважен е животот на луѓето од било какви политички илузии за интеграција, од било какви ефемерни интереси на среброљупците и властољупците…

Не, нема збор за утеха, само го молам Бога и ги молам луѓето да спасат што може да се спаси и да помогнеме сите со она што можеме да помогнеме!

И да не се повтори! Никому, никогаш!

ДЛАБОКО СОЧУВСТВО ДО СЕМЕЈСТВАТА НА ЗАГИНАТИТЕ И НАСТРАДАНИТЕ“, напиша на социјалната мрежа членката на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).