Ќе ја затрупа ли снегот Македонија?

На повеќе места во земјата веќе се формира снежна покривка. На планините таа значително ќе се зголеми, и локално на места ќе достигне над 50 цантиметри, а позначителна покривка од снег со над 20 цантиметри, според УХМР, ќе се формира и во југозападните делови од земјата.



Од АМСМ известуваат дека од 08:50 часот, поради заледеност на коловозот на автопатот „Пријателство“ кај селото Миравци, тешките товарни возила ќе се пренасочуваат преку стариот пат Удово – Демир Капија.

Претходно беа воведени забрани за движење на тешки товарни возила од превентивни причини на следните патни правци: Крива Паланка – граничен премин Деве Баир, Гостивар – Маврово – Дебар, Гостивар – Стража – Кичево, Планинските превои Пресека и Плетвар.

АМСМ апелира до сите возачи да ја прилагодат брзината на движење, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да бидат особено внимателни при управување со возилата. Ова важи посебно за патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што постои ризик од појава на одрони.

Особено ризични делници се делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово, Кочани – Делчево.

„Поради ниските температури и засилениот северен ветер ќе има појава на голомразица и снежни наноси информираат од УХМР.

Минималните температури денеске ќе се движат од 1 до -8 Целзиусови степени, додека максималните од -4 до 4 степени.

Времето во Скопје ќе биде облачно и студено со снежни врнежи, кои повремено ќе бидат пообилни. Ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Температурите ќе бидат од минимални -1 до максимални 1 степен.

Според прогнозата на УХМР, во наредните денови ќе преовладува променливо облачно и студено време со слаб до умерен ветер од северен правец.

Повремени врнежи од снег се најавени и за в понеделник, а во следните денови ќе има услови за провејување на слаб снег, а температурите ќе бидат под „нулата“.