Ќе се справиме ли сериозно со инфлацијата?!

Меѓусебна соработка и координиран пристап во спроведување на фискалната и монетарната политика е клучот за обезбедување макроекономска и финансиска стабилност, констатирале министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска на денешната средба.



Димитриеска-Кочоска, како што соопшти Министерството за финансии, рекла дека ќе води фискална политика насочена кон враќање на макроекономската стабилност и поддршка на економската активност преку постепена фискална консолидација и подобрување на управувањето на јавните финансии и одржување високо ниво на капитални расходи.

World cost rising, Global crisis inflation concept. Shopping cart with Percentage cubes, Stacked coins and red growth graph. global crisis inflation and rising prices. Hyperinflation and inflation

Таа рекла и дека очекува дека добрата координација на монетарната и фискалната политика заедно со одржувањето умерен буџетски дефицит и стабилност на девизниот курс ќе придонесат кон намалување на инфлацијата којашто се очекува во периодот 2025-2028 година да изнесува меѓу 2 и 2,5% на годишно ниво.

На средбата од страна на министерката било посочено дека Владата ќе ја почитува независноста на Народната банка и очекува дека таа преку навремени мерки и активности ќе одржува ниска инфлација, стабилност на девизниот курс и ќе се грижи за ефикасен и стабилен финансиски систем.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска ја истакнала заложбата за координирање меѓу монетарната и фискалната политика за задржување на макроекономската стабилност.

Ефикасната соработка помеѓу монетарната и фискалната политика е од витално значење за надминување на економските предизвици од денешницата и за поттикнување одржлив раст. Во услови на глобална неизвесност, усогласувањето на овие политики е исклучително важно за стабилизирање на инфлацијата на трајна основа, за поддршка на инвестициите и на вработеноста. Со овој координиран пристап се зајакнува економската отпорност и на преден план се става стабилноста во окружувањето коешто постојано се менува – рекла Ангеловска-Бежоска.