Откако Владата реши да стави крај на милионскиот договор на „Државна лотарија“ за закуп склучен со фирма на син на опозициски пратеник, се најавува заокружување и на процесот за одземање на лиценците на приредувачите на онлајн игри на среќа или популарно кажано – онлајн казина. Според информации на „Фокус“, оваа одлука треба да се донесе на владина седница во вторник, следната недела.
Основа за ваквата одлука е автентичното толкување на Законот за игри на среќа, кое веќе беше усвоено од страна на парламентарното мнозинство. Станува збор за автентично толкување на ставовите 2,3 и 4 од членот 7, од кое всушност произледува дека „Лотарија“ може да приредува интернет и електронски игри на среќа самостојно или преку едно трговско друштво каде би имала мнозински пакет, а не да формира повеќе друштва, како што впрочем се случи пред промена на власта.

„Одредбата од ставот (3) на членот 7 од законот треба да се толкува така што приредувањето на електронските и интернет игри на среќа може да се врши само од едно трговско друштво предвидено во ставот (2) на овој член. Трговското друштво од ставот (2) на овој член, приредувањето на електронските и интернет игри на среќа може да го врши само или заедно со други приредувачи кои не можат да имаат повеќе од 49% учество во основната главнина во тоа друштво. Интернет игрите на среќа се приредуваат врз основа на лиценца за приредување на интернет игри на среќа согласно со овој закон“, стои во автентичното толкување.
Претходно, од страна на Владата беше издадено мислење, со кое се констатира дека е „истечен временскиот рок во кој трговското друштво за приредување на игри на среќа во кое државата е содружник или акционер со најмалку 51 отсто од основната главнина имаше право да ги приредува игрите на среќа“. На тој начин, се прави правна подлога за одземање на лиценците за интернет игри на среќа, што извесен период наназад и јавно го најаваат највисоки владини функционери.
- На последната седница на Владата беше донесена одлука за раскинување на договорот за објектот кој беше закупен со енормни суми, каде се инволвирани високи функционери на поранешната власт. Исто така, уште 2 точки мора да поминат на следната седница на влада, на која ќе се донесе одлука за укинување на онлајн-казината, а ќе се објави војна на бизнисот со казина кои работат на црно, нелегално, што е околу 50 отсто од тој бизнис – изјави првиот вицепремиер Изет Меџити.
Тој доаѓа од албанската владејачка коалиција ВЛЕН, од каде соопштија дека завршува ерата на онлајн игрите на среќа. Воедно, од таму велат дека нивниот план за справување со последиците од игрите на среќа предвидува судска постапка за злоупотреба на службените позиции и овластувања на сите кои учествувале во носење незаконски одлуки поврзани со игри на среќа, намалување на бројот на објекти за коцкање за најмалку 50 отсто, како и целосно нов закон за игри на среќа.
Кога се говори за интернет игрите на среќа, се мисли на 3 компании формирани за приредување на ваков тип на игри на среќа – „77 битс“, „Весув“ и „Моцарт“, каде државното акционерско друштво има 51 отсто од сопственоста, додека приватните компании од Бугарија, Србија и Црна Гора како косопственици поседуваат 49 проценти. Во меѓувреме, формирањето на овие компании е под истрага, исто како и договорот на „Лотарија“ за закуп на објект во Визбегово со фирмата „Хеј“, кој Владата одлучи да го раскине. Повеќе детали на Фокус.мк.





