Владата на Франција стои на „стаклени нозе”, и се заканува пад бидејќи и екстремно десничарските и левичарските партии најавија дека ќе гласаат за недоверба на премиерот Мишел Барние.
Ова се случува откако Барние искористи посебни овластувања за да го протурка предлог-законот за буџет без гласање во парламентот.
Барањето за смена на владата ќе се гласа во среда, а доколку биде усвоено, Барние ќе биде принуден да поднесе оставка по само два и пол месеци на чело на владата, објави Гардијан.
Барањето за гласање доверба на владата го поднесе Новиот народен фронт (НФП), левичарска коалиција во која се социјалистите, Зелените, крајната левица и Комунистичката партија.
Марин Ле Пен, пратеничка и лидер на екстремно десничарското Национално собрание (РН), денеска го зголеми притисокот врз владата со најава дека и нејзината партија поднесува барање за недоверба.
Инаку, францускиот премиер го искористи членот 49.3 од францускиот устав, кој дозволува текстот на законот да се усвои без гласање, за да го протурка неговиот буџет за 2025 година наспроти несогласувањето од левичарската опозиција и десното Национално собрание ( Р.Н.), предводени од Марин Ле Пен и Џордан Бардела.
„Мислам дека Французите нема да ни простат што избравме партиски интереси пред иднината на земјата. Сега секој ќе мора да ја преземе одговорноста како што јас ја презедов мојата“, им рече Барние пред пратениците објаснувајќи ги причините за својата одлука.





