Повеќе од еден месец доцни прскањето против ларви од комарци, а од Град Скопје нема никакво известување дали и кога ќе се прска против овие инсекти.



Граѓаните веќе се жалат дека не можат да престојуваат на отворено и бараат од градоначалничката Данела Арсовска да си ја спроведе обврската за заштита на јавното здравје.

Плусинфо испрати прашања до Град Скопје и очекува одговор на прашањето кога е планирано да започне превентивната дезинсекција против возрасни форми на комарци и против ларви од комарци. Но, како и во повеќе наврати досега, молк од Градот за сите теми кои се во интерес на граѓаните на Скопје.

Инаку минатата година првото прскање против ларви беше извршено на 12 април.

Кога ќе се случи прскањето засега ниту медиумите, ниту граѓаните не знаат, но најверојатно нема ниту набрзо да се спроведе. Причина за тоа е што постапката за доделување договор за јавна набавка за превентивна дезинсекција против возрасни форми на комарци и против ларви од комарци, на подрачјето на градот Скопје, за 2024 година, била поништена на крајот од април.

„Додека градоначалничката Арсовска си игра со здравјето на скопјани, експертите со кои разговавравме велат дека комарците се веројатно меѓу најопасните животни на планетата поради самиот факт дека тие се предизвикувачи на милиони смртни случаи секоја година“ пишува Плусинфо.

Повеќето видови комарци се најчесто безопасни, но еден дел од нив, оние опасните, се вистински летечки „крвопијци“ кои имаат способност да се адаптираат лесно пренесувајќи болести на луѓето.

Лекарите велат дека во најголем дел каснувањата од комарци кај нас не се ништо повеќе од нервозна непријатност што ќе исчезне после 24 часа. Но, ова не е случај кај лицата со низок имунитет кои често се изложени на болести кои можат сериозно да ги загрозат нивните животи.

аерозапрашувањето и теристичкото прскање кои треба редовно да се спроведуваат од април, мај јуни, се до септември, па и октомври доколку е топло, потребно е да се прави ларвицидна дезинсекција, додека комарците се во фаза на развој. Но, бидејќи ваквите активности се навистина скапи, ова често е прескокнувано.

Бидејќи Градот доцни повеќе од еден месец со прскањето против комарци се очекува и ова лето овие инсекти да бидат главна тема меѓу скопјани.