Најдобрите македонски кошаркари денеска го имаа првиот собир за ноемврискиот дел од претквалификациите за Европското првенство што ќе се игра во 2021 година. Тренинзите за натпреварите со Словачка и Швајцарија на 23 и 26 ноември ќе се одвиваат во Скопје каде што впрочем и ќе ги играме натпреварите од групата од која првите две селекции ќе продолжат во квалификациите. Селекторот Јорданчо Давитков има на располагање 18 од повиканите 24 со тоа што дел од тие што требаше да бидат носители како Антиќ, Чековски, Трајковски, Тасовски, па ниту странец, нема да се појават ниту на подготовките, ниту на натпреварите.



Познато е дека лани летоска бевме катастрофални и не успеавме да се пласираме на завршницата на Европското првенство кое во септември се играше во четири земји, а кулминацијата беше во Истанбул, а потоа и во текот на ова лето доживеавме вистински срам кога во конкуренција на Естонија, Словачка и Косово едвај бевме трети што не ни овозможи да продолжиме на патот кон СП во Кина.

„Треба да ги поминеме овие претквалификации, да започнеме да одиме нагоре. Ни требаат успеси. Овие две лета што ги имавме беа неуспешни за македонската кошарка и за нас индивидуално. Се надевам дека ова ќе биде еден нов почеток. Словаците се навистина добра репрезентација, физички се доста силни, добро трчаат. Сигурно дека таму нѐ очекува тежок натпревар. Ако не одиграме со 100 отсто од силите, ќе ни биде многу тешко“, вели капитенот на репрезентацијата, Војдан Стојановски.