Ќе има ли повторно судење за осудените за „27 април“?

Речиси е извесно дека ќе биде поднесено барање за повторување на судењето за осудените за „27 април“ кои веќе седум години лежат низ затворите, дознава Скопје 1



Засега за ова нема официјална потврда, но со оглед на реакциите по дадената амнестија во предметот „Организатори на 27 април“ – очекувано е сѐ да тече уште побрзо.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска во поткастот „Претрес со Ландов“ изјави дека наскоро целата јавност ќе биде згрозена од тоа што се правело во предметот „27 април“.

„Се работи на тоа да се соберат докази, и мислам дека многу скоро, ние и целата јавност ќе бидеме згрозени од тоа што ќе се откријат многу вистини како се обезбедувале лажни докази и како се обезбедувале лажни сведочења и тука не мислам само на Нинџа туку и за многу други“, рече Стојаноска.

И адвокатот на еден од осудените најави дека ќе биде поднесено барање за повторување на постапката за настаните од „27 април“, бидјќи според него, новите докази што се обезбедени се доволни за отворање на ново судење.

„Во моментот, единствената опција што ни преостанува е да поднесеме барање за повторување на постапката. Ова нешто планирав да го направам уште пред неколку месеци, но околностите беа различни тогаш. Сега, по донесувањето на пресудата, ситуацијата е значително променета. Револтот кај засегнатите е значително поголем, што дополнително го засилува аргументот за нашата иницијатива. Со оглед на новите докази со кои располагаме, убеден сум дека за многу кратко време ќе го поднесеме барањето за повторување на оваа постапка,“ изјави за Канал 5 Драган Пешевски, адвокат на Горан Ангелов Ќосето, пренесува „Радио лидер“

По одлуката да се амнестираат организаторите за „27 април“ и процесот против нив да биде прекинат, премиерот Христијан Мицкоски вели дека ако нема организатори, не може да има и терористи.

„Како може да има терористи, а да нема организатори?. Ова е основна логика. Никој не тврди дека луѓето кои беа осудени не направиле грешки или дека не извршиле престапи. Но, тие веќе минаа доволно време во затвор како казна за нивните дела. Останува отворено прашањето за оние кои водеа политички монтиран процес против овие луѓе. Токму тие треба да се запрашаат што направија и да размислат дали нивните постапки беа праведни или водени од некои други мотиви,“ изјави премиерот.

Во случајот за настаните од 27 април беа опфатени 32 лица. Од нив, 15 добија амнестија, 16 беа осудени на високи затворски казни, а еден обвинет беше ослободен. Судските одлуки беа потврдени од Апелација и Врховниот суд.