Ќе ви суди судот на јавноста – Канал 5 ги осуди клеветите и навредите на Ордановски кон Трамп

Канал 5 телевизија ги осуди клеветите и навредите на нивниот вчерашен гостин Сашо Ордановски кон американскиот претседател и му порача дека ќе му суди судот на јавноста.



Канал 5 ТВ нагласува дека ставовите на нивните гости никако не се ниту ќе бидат ставови и рефлексија на нашата уредувачка политика, се наведува во реакцијата на директорот Иван Мирчевски.

„Вчудоневидени сме од вчерашниот настап на г-динот Сашо Орданоски кој со неопислива леснотија ја таргетираше новата аминистрација на нашиот најголем стратешки партнер – САД.

Исто така, ги осудуваме искажаните навреди, клевети и шпекулации од страна на Сашо Орданоски кои не би сакале да веруваме дека беа малеволентни вербални стрели при неговото опишување на карактерот, образованието и општествено-политичкото дејствување како на американскиот претседател Трамп така и на неговото потесно семејство и соработници.

За крај, Канал 5 ТВ и натаму ќе остане уникатна демократска медиумска платформа, отворена за сите различните гледишта и ставови, афирмативни или критични, но секој оној кој ќе ја (зло)употреби дадената минутажа и фреквенција на Канал 5 ТВ, треба да очекува дека ќе биде предмет на судот на јавност во Македонија“, се наведува во реакцијата на Канал 5.