Љутков: Македонското вековно културно наследство, кое ги отсликува нашата историја и духовност, е дел од мозаикот на европските вредности

„Македонската култура е симбол на континуитет и еволуција, која го збогатува заедничкиот европски идентитет со својата автентичност, прикажувајќи го нашиот народ како чувар на своите традиции, но и како учесник во создавањето нова, современа и творечка Европа.“ – нагласи Зоран Љутков, министерот за култура и туризам на Република Македонија, во својата реч на денешната конференција на Европските денови на културното наследство во Скопје. Љутков говореше во врска со „Македонското наследство на вмреженоста и поврзаноста“ како тема на оваа конференција, која е еден од најшироко прифатните културни настани, што  ги обединува луѓето од целиот европски континент. Ова го објави информативнта агенција Макфакс.



Министерот Љутков порача дека со зачувувањето на европското културно наследство ние го чуваме и нашиот идентитет, учиме од минатото и ја цениме различноста што, нè обединува. Во тој контекст Љутков министерот укажа: „Македонското културно наследство е скапоцен дел од големиот мозаик на европските вредности, со вековна традиција, која ги отсликува нашата историја, уметност и духовност. Нашите археолошки наоѓалишта, црковни споменици, традиционални обичаи и уметнички дела сведочат за длабоките културни врски со вековите и го претставуваат нашиот единствен придонес во европската културна ризница.“.

По усвојувањето на Европската културна конвенција на 19 декември 1954 година од страна на Советот на Европа, како документ кој има цел да ја поттикнува културната соработка меѓу европските земји и да го зачува и да го заштити заедничкото културно наследство на европските народи. Деновите на европското наследство се широко прифатен настан, кој се одбележува со илјадници активности во цела Европа.

На темата „Македонското наследство на вмреженоста и поврзаноста“ во Македонија оваа година ќе бидат организирани настани во 14 градови и села со учество на 20 музеи, невладини организации и други институции, кои се ангажирани на полето на културното наследство. Министерот Љутков ја изрази посветеноста на Владата и на Министерството за култура и туризам за унапредување на состојбите во заштитата на културното наследство како врвен приоритет, кој овозможува афирмација и промоција на Македонија во Европа.

На отворањето на конференцијата учесниците и присутните гости во Порта „Македонија“ ги поздравија и Викторија Трајков, заменик-министер за европски прашања, Штефен Худолин, шеф за соработка во Делегацијата на Европската Унија, како и Весела Честоева, директорка на Управата за заштита на културното наследство. На конференцијата на повеќе панел-дискусии излагања ќе имаат дваесетина експерти од Македонија и странство.