Љубовта на партизанската легенда Петре Пирузе кон татковината Македонија – искра во колективното паметење, која ни овозможува национална гордост!

„Мојата совест е чиста. Секогаш сум му служел на македонскиот народ: за негово добро, за негова слобода и правда. Одамна не си припаѓам себеси…па затоа и твоите закани не ме плашат…” – со овие зборови со гордо крената глава му се обратил партизанската легенда и револуционерниот деец за слободна и обединета Македонија Петре Пирузе-Мајски на иследникот на Голи Оток, каде што бил испратен во 1950 година, за време на судирот на КПЈ со Информбирото, во 1950, без судска пресуда, на тригодишно „општествено превоспитување“. Бил испратен на Голи Оток, поради своите заложби за слободна и обединета држава Македонија, со сите три свои делови – вардарскиот, пиринскиот и егејскиот. Денес, се навршуваат 45 години од неговата смрт на 12.1.1980 година. Оваа годишнина е пригода за ново навраќање кон личноста и животниот и борбениот пат на овој голем Македонец, кој е откажа од својот живот, заради слободата на Македонија и подобриот живот на својот македонски народ.

Опеаниот партизански командант и легенда на антифашистичката народноослободителна борба во Западна Македонија – прогласен како „предавник на партијата“ и принудуван да признае дека е „бугарски шпион“!

Во статија, објавена на 18.2.2021 година во „Денешен весник“, историчарката Виолета Ачковска пишува: „Мајски доживеал голгота на Голи Оток: физичка и психичка тортура, напорна работа и изгладнување, покрај иследничката пеколна игра со ставање ‘под ќебе’. Со месеци бил иследуван, цели ноќи бил безмилосно тепан, а потоа враќан во бараката во ќебе. Прогласен како ‘предавник’ на Партијата, со удбашки методи бил принудуван да признае дека е ‘бугарски шпион’. Не успеале да му го скршат духот. Останал неизвалкан, доследен и со гордо крената глава. Петре Пирузе-Мајски е опеан партизански командант, легенда на антифашистичката народноослободителна борба во западниот дел на Македонија, човек со широки демократски погледи, асномски деец и близок соработник на Ченто. Како Македонец Пирузе тргна по патеките на борбата за национална слобода и државност на својот македонски народ. Во 1945 година паѓа во немилост, зашто при посетата во Софија зборувал за обединување на Македонија.“



Роден е на 5.5.1907 година во Охрид. Во 1930 година се запишува во Правниот факултет во Белград. Рано се вклучува во револуционерното движење и учествува во студентското движење и формирањето на Македонскиот народен покрет (МАНАПО). По завршувањето на студиите во 1936 година Петре Пирузе се враќа во Охрид. Се вработува како судски приправник во Ресен, а потоа и како адвокатски приправник кај Илија Коцаре во Охрид. На илегалниот состанок на МАНАПО, одржан на 28.8.1936 година во Охрид, на кои учествуваа голем број студенти, интелектуалци и други напредни Македонци од сите градови во Македонија,  доаѓа до идејно-политичко оформување на МАНАПО и до согласност за основните цели и методи на дејствување во борбата за национална слобода и равноправност на македонскиот народ во рамките на Југославија.

На судски процес на 26 и 27 ноември 1941 во отсуство е осуден од бугарските власти на смрт со бесење

На 15 мај 1941 година тој е поставен како прв политички секретар и организатор на партиската организација на КП во Охрид и Охридско. Петре Пирузе на 20.10.1941 година го избегнува апсењето на охридските комунисти по провалата во охридската организација. На судскиот процес одржан на 26 и 27 ноември 1941 година во отсуство е осуден од бугарските власти на смрт со бесење. Затоа Пирузе преминува во илегала: се префрла на територијата под италијанска окупација и го организира ослободителното движење во Дебарца. Станува легенда за време на народноослободителната војна. Во југозападниот дел на Македонија го организира движењето, создавајќи партиски ќелии и ја подготвува територијата за оружена војна. Во Дебарца ги врши подготовките за формирање на партизанските одреди „Славеј“, „Јане Сандански“ и Малесискиот партизански одред. Од август 1943 година Мајски станува командант на Втората оперативна зона во Македонија и учествува во формирањето на баталјонот “Мирче Ацев” и на Македонско-косовската ударна бригада. Тој раководи со Народноослободителната и антифашистичката борба во западниот дел на Македонија.

Како член на Главниот штаб на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија Петре Пирузе-Мајски е еден од потписниците на Манифестот на Главниот штаб. Бил избран и како делегат на Второто заседание на АВНОЈ. Бил член на Иницијативниот одбор за свикување на Првото заседание на АСНОМ, а потоа учествува на заседанието како делегат. На заседанието бил избран како член на Президиумот на АСНОМ и член на Комисијата за изработка на македонската азбука. Во Привремената влада на македонската држава на 6.8.1944 година во селото Равно, Кумановско, Пирузе Мајски станува прв пoвeрeник (министeр) зa прaвoсудствo. Оваа функција ја врши од 1944 до 1945 година.

Политичкото отстранување на народниот трибун Пирузе-Мајски, кој се залагаше за обединета Македонија, за припојување и на Македонците од Пиринскиот регион кон Република Македонија

Бил напреден народен трибун во секој поглед. Во негова чест е испеана песната „Топови грмат, земјата трештит“. Ја поддржува активно идејата за обединета Македонија. При посетата на Софија во декември 1944 година ќе изјави дека југословенската конфедерација подразбира подоцнежно приклучување на Бугарија и на другите балкански држави. Во тие рамки тој го гледал обединувањето на Македонија и Македонците од Пиринскиот регион кон Република Македонија. Односно, во балканската федерација, која ќе биде способна да ги брани слободата и независноста на сите балкански народи, тој го гледа решението и на македонското прашање. Но, неговата изјава нема да им се допадне на југословенските и британските власти. Британците дури ќе побараат од Белград и Софија да преземат мерки за неодмерените изјави на одделни македонски политички личности, за да запре нивната активност.

Полициско досие водено 40 години, следен и обработуван од повеќе од 50 соработници на тајните служби!

Во тој период еден од начините за отстранување на непогодните лица со пренагласени заложби за обединета Македонија беше отстранување од матичната република и  испраќање на служба во сојузните органи. Така овие лица можеа полесно да бидат контролирани. Петре Пирузе-Мајски, кој е носител на партизанска споменица од 1941 година, пo фoрмирaњeтo нa Владата на Македонија во 1946 година бил отстранет од Македонија и испрaтeн како судиja нa Врхoвниoт суд нa Jугoслaвиja вo Бeлгрaд. Но, уште во 1947 година му одземена „Партизанската споменица 1941. Тоа беше обид да се дискредитира Мајски како личност пред македонскиот народ, за кого тој претставуваше  легенда. Новата југословенска власт за време на судирот со Информбирото добива можност за целосна партиска деградација и политичко отстранување на Петре Пирузе-Мајски. Во 1950 година без никакво објаснување бил лишен од слобода и испратен на Голи Оток.

Во своја статија, објавена на 13 декември 2013 година, информативниот портал „Академик“ покрај другото, пишува: „Поради немање докази и аргументи за сторено кривично дело, власта го ослободува во февруари 1954 година. И покрај инсистирањето да го признае делото, Пирузе Мајски никогаш не го сторил тоа. Враќањето на Мајски во Македонија предизвикува паника во безбедносните служби и тој е следен, обработуван и кодошен се до неговата смрт. Безбедносниот интерес за него никогаш не престанал. По враќањето од Голи Оток работел како правен советник во Сојузната ветеринарна служба во Белград. Неговата молба за адвокатура во Скопје била земена на ‘нож’, внесувајќи немир кај лицата, кои ги контролирале неговиот професионален ангажман и приватниот живот. На 13.12.2013 Комисијата за верификација на фактите го отвори досието на првиот министер за правда и основоположникот на македонската адвокатура Петре Пирузе-Мајски. Според Извештајот за неговото досие во Комисијата, бил следен и обработуван од повеќе од 50 соработници на тајните служби!“ Со отворањето на полициското досие, кое се водело за Пирузе цели 40 години, започнал процесот на лустрација на неговите прогонители.

Петре Пирузе-Мајски бил само делумно рехабилитиран во 1966 година, а наредната година му била вратена „Партизанската споменица 1941“. Бил целосно дeгрaдирaн. Дури вo 1970 година e врaтeн вo члeнството на KПM. Пoлитички дискрeдитирaн, како пензионер умирa на 12 јануари 1980 година во родниот град. Иако како на носител на „Партизанска споменица 1941 година“ му следувало, според Закон, закоп на државен трошок и спомен-обележје, македонската држава не го прави тоа и го заборава својот син, иако се борел за нејзиното создавање и слобода, како и за нејзиното обединување. По осамостојувањето на Македонија започнале првите посериозни активности за целосна рехабилитација на Пирузе. Во организација на Институтот за национална историја од Скопје и на Собранието на Општина Охрид во 1993 година се одржал научен собир на тема: „Петре Пирузе – Мајски, време, живот и дело“. Општинската организација на Сојузот на борците од НОАВМ 1941-1945 и граѓаните од општините Охрид и Дебрца им препорачале на државната власт, на советите на Општините Охрид и Дебрца да именуваат улица, општествена установа, или некоја населба во Охрид по него. Пред зградата на Основниот суд во Охрид била поставена биста со ликот на Пирузе.

Ивановски: Мајски се определи за борба, за револуција, за слобода на Македонија и со своето дело уште за време на војната си изгради споменик се себе и за револуционерната генерација, на која ѝ припаѓаше

Во своја научна статија. објавена во 1997 година, историчарот Владо Ивановски ќе напише: „Како првоборец од Охрид Пирузе Мајски е првиот партизан на просторот од Западна Македонија. Како хуманист, општественик, револуционер и државник, Мајски е неодминлива личност од поновата историја на Македонија и македонскиот народ. Со својата револуционерна активност и дело … уште за време на војната Majски си изгради споменик за себе и за својата револуционерна генерација, на која ѝ припаѓаше. Се откажа од правничката кариера, од која можеше богато да живее. Се определи за борба, за револуција, за слобода на Македонија.“

Во својата спомената статија историчарката Виолета Ачковска заклучува: „Петре Пирузе ѝ припаѓа на онаа генерација Македонци, кои застанаа на браникот на Македонија против фашистичкото зло. Неговата храброст, чесност, човечност и љубовта кон татковината се искри во нашето колективно паметење, кои ни овозможуваат национална гордост и самопочит. Нека му е вечна слава!“

Дополнителни извори: Статија на „Википедија“ и статија на „Македонска нација“ од 21 септември 2011 година.