Јужна Кореја ја обвини Северна Кореја дека испуштила голем број балони полни со ѓубре и измет преку нивната силно утврдена граница, нарекувајќи го чинот „низок и опасен“, објави Ројтерс.



Воената единица за убојни средства и експлозиви и тим за одговор на хемиската и биолошката војна беа распоредени за проверка и собирање на предметите, а беше издадена тревога со предупредување жителите да се држат настрана и да ги пријават сите забележани на властите.

До средата попладне беа откриени повеќе од 260 балони и повеќето од нив слетаа, соопшти Здружениот генералштаб на Јужна Кореја.

На фотографиите објавени од јужнокорејската војска се гледаат балони со пластични кеси врзани за нив.
На други слики може да се види ѓубре расфрлано околу срушени балони, а на едната кеса е испишан зборот „измет“.

Новинската агенција Јонхап објави дека некои од балоните содржеле животински измет.

Официјален претставник на претседателската канцеларија на Сеул рече дека Северот можеби сака да ја „тестира“ реакцијата на Југот, но вети дека ќе одговори смирено.

Балоните не се новина во “војувањето“ меѓу Северна и Јужна Кореја.
Јужнокорејски активисти често испраќаат балони со летоци против Пјонгјанг, мини радија, храна и USB мемориски стикови со музички спотови…

Во неделата, заменик-министерот за одбрана на Северна Кореја го осуди испраќањето балони  од јужнокорејски активисти, нарекувајќи ги „валкани работи“ и „опасна провокација“ и предупреди дека како одговор на југот ќе бидат испратени „купишта отпадна хартија и нечистотија“.