Автобускиот превоз во Скопје проблем кој се уште е заглавен низ лавиринтите во градското собрание. Вработените во ЈСП ќе добијат плата. Советниците во Советот на град Скопје денеска изгласаа субвенции за претпријатието, но се уште останаа неизгласани 250 еко-автобуси кои според градоначалничката Арсовска му се неопходни на градот.

ЈСП „Скопје“ доби дополнителни 2,5 милиони евра, кои со претходните повеќе од 11 милиони, се највисоките субвенции што досега на годишно ниво му се исплатени на ова јавно претпријатие од Град Скопје, вкупно околу 14 милиони евра и тоа наменети само за исплата на плати. Парите веќе биле обезбедени во буџетот за 2024 година, но не биле исплатени одеднаш со надеж дека можеби претпријатието ќе „закрепне“ и нема да му бидат потребни.

Арсовска не се појави на денешната седница, но се огласи на социјалните мрежи, вели дека советниците од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на градот само поради инает одбиле да гласаат за набавка на нови еко автобуси и зголемување на бројот на пожарникари во Скопје.
Па, така, нејасно остана колкав е долгот на ЈСП кон приватните превозници, кои деновиве повторно бојкотираат и возат само во одредени периоди на денот и не на сите линии. Не се знае ниту со колкав број автобуси сообраќаат приватниците, ниту, пак, дали ЈСП изврши оптимизација на возниот ред во согласност со расположливите автобуси како што беше договорено на координативната средба кај градоначалничката Данела Арсовска минатиот месец.





