Бугарската потпретседателка Илијана Јотова се спротивставува на најавите (од Германија) за промена на системот на донесување одлуки во Европската унија со едногласност за нејзиното проширување.



„Не можам да се согласам со обидите за промена на едногласноста во одлучувањето, особено за прашањето за проширувањето“, изјави Јотова на форумот „Европската унија се среќава со Балканот“, во организација на европратеникот Илхан Ќучук.

Заменичката на претседателот Румен Радев не се согласува ни со европски политичари и експерти според кои блокираната евроинтеграција на Македонија се должи на билатералните односи.

„Бугарија не поставува дополнителни услови за процесот и преговорите на Република Северна Македонија на нејзиниот пат кон Европа. Нема проблем на билатералните односи. Овие билатерални односи не се проблем за Република Северна Македонија да не ги започне преговорите со Европската унија. Впрочем, тоа е тезата на нашите колеги од Република Северна Македонија. За жал, некои европски политичари, експерти, зборуваат во таа насока дека, гледате,овој процес е блокиран од двете страни. Ние бараме да се почитуваат европските критериуми и да, ние продолжуваме да сметаме дека правата на Бугарите во Република Северна Македонија не се заштитени“, објасни таа.