Јовановски: Без одговорност за криминалите и конфискација на имотот ќе се зголеми гневот на ограбените

Актерот Владо Јовановски бара брзо расчистување со криминалот заради задоволување на правдата и избегнување на гневот на онеправданите.



„Каков е тој стил на живот министерски – себичен, алчен, хедонистички, ако по губењето на власта не си спремен во затвор да одиш заради него!?

Плус, кога го јадевте медот, мислевте дека целата тегла е полна само со мед и дека е само ваша и дека само вие треба да се засладувате, додека на повеќето од нас ни ‘паѓаше шеќерот’?

Ама не требаше така, нели…!?

Значи, ние кои гласавме за новата власт очекуваме брзо и неселективно откривање на сите криминали сторени во оваа ограбена држава, пред сè крупните.

Нивно процесуирање и одговорност за истите.

Во спротивно само, ќе се зголеми и така наталожениот гнев на онеправдените и ограбените.

Не осветољубивост, туку правда, правичност и одговорност. Се разбира, и конфискација на криминално стекнатиот имот на бандитите, кои нè доведоа до ова дереџе.

И не само финансискиот криминал, туку исправање на неправдите во сите сфери на општеството, сторени кон поединци со име и презиме. Луѓе на кои им беа сторени неправди! Луѓе, чесни граѓани, професионалци во своите професии, кои беа на нивните ‘црни’ списоци.

Само така ќе се дојде до рамнотежа, која беше и е нарушена!“, констатира на Фејсбук еден од водачите на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ што ги организираше протестите низ државата во 2017 година.