„Кога за поранешен министер за надворешни работи Македонија е „државичка“, зашто сме изненадени што се согласи и потпиша промена на името на државата и идентитетски се обиде да ја облезличи преку договорот за добрососедство со Бугарија. Малоумните политичари со закржлавени умови со години се обидуваат да ни проектираат дека големината на државата е одредницата, која не’ прави да сме безначајни, инфериорни и невидливи во меѓународните односи, поради што треба да ‘затнеме нос и да голтаме’ што ќе ни принесат големите на политичкото мени.“ – вели универзитетскиот професор д-р Звонимир Јанкуловски во својата колумна со наслов „Нема мали земји, има само мали закржлавени умови“, која ја објави информативната агенција Нетпрес.
Јанкуловски пишува: Кралот на Белгија Леополд Втори ќе изјави: „Нема мали земји, има само мали умови“. Премногу малoумни политичари во Македонија направија да се чувствуваме инфериорни во сопствената земја во односите со другите држави во светот. Со години одредени политичари и самонаречени експерти прават се’ да се чувствуваме мали, сакаат да ни ја одземат моќта за да им попуштаме на нивните желби, да бидеме принудени да дејствуваме и да размислуваме како што тие сакаат. Затоа за нив „државичката“ Македонија немаше што да бара во друштво на големите, освен да слуша и извршува она што другите го замислиле за неа и нејзините граѓани.
Кога за поранешен министер за надворешни работи Македонија е „државичка“, зашто сме изненадени што се согласи и потпиша промена на името на државата и идентитетски се обиде да ја облезличи преку договорот за добрососедство со Бугарија. Овој лик во Македонија како зараза го прошири синдромот на ограничен ум. Ваквите малоумни политичари го ставија на туѓа милост нашето постоење како држава. Не’ убедуваа дека треба да се приспособуваме, затоа што само така би можеле да бидеме сакани и прифатени од другите држави во Европа и светот. Предолго молчевме, се согласувавме, или уште подобро кажано, исчезнувавме. Се обидуваа да направат да се чувствуваме мали како народ и држава и тоа кажува многу нешта за нивниот карактер, а не за нашиот.
Академската литература потврди дека не постои согласие за тоа што претставува мала држава денес. Но, малоумните политичари во Македонија немаат дилема околу ова прашање. Тие немаа дилема околу ништо, раководејќи со нивната „државичка“. Нивната мизерија стана наша. Од која се обидува новата власт да излезе. Да ги потсетам сите оние кои се чувствуваат мали и безначајни дека малите држави не се песок, кој може да се меле меѓу големите тркала на моќните држави. Тие се составени од луѓе, а не од пиони. Граѓаните во малите држави ги имаат истите надежи, стремежи и природни права како граѓаните во светските сили. Овие луѓе ги имаат сите причини да очекуваат и бараат живот во слобода, мир и просперитет, а не да бидат играчка на големите.
Доста соли памет министерот на „срамот“ за неговата „државичка“, за мојата држава Македонија. Кога сте мал во умот се’ се чувствувате како да расте вашата важност во „државичката“, или се намалува кога сте надвор. Не успеа менталното ропство, кое се обидоа овие јадни ликови во македонската политика да го наметнат на еден цел народ. За нивна голема жал македонскиот народ низ историјата никогаш не прифатил да биде поробен. За нив срамота беше да живееш во државата Македонија, а нивните животи беа и останаа заробени во нивната лична ментална „државичка“. Затоа, да ги оставиме да живеат во државата Македонија како најголем срам на една нација, зашто нивните мали умови се како слаби ветрови, кои никогаш не може да создадат големи бранови.






