„Македонскиот јазик е наше национално идентитетско обележје, кое ќе го негуваме, ќе го заштитуваме, ќе го унапредуваме и ќе го афирмираме системски!“ – нагласи министерката за образование и наука на Република Македонија Весна Јаневска на научната манифестација „Отворени денови на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, која е отворена денес во овој институт во Скопје и која ќе се одржува до 18 октомври. Ова го објави весникот „Нова Македонија“.
Натаму „Нова Македонија“ пишува: На почетокот на „Отворените денови“ на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во своето обраќање неговата директорка проф. д-р Елена Јованова-Грујовска нагласи дека оваа година се одбележуваат 150 години од раѓањето на патронот Крсте Мисирков и 80 години од прогласувањето на македонската држава и на македонскиот јазик како службен, кодифициран јазик во неа. Јованова-Грујовска истакна дека Крсте Мисирков, роден пред 150 години (на 18 ноември 1874, во Постол Ениџе, Варадарско) е еден од најзначајните македонски филолози, славист, прв неформален кодификатор на македонскиот јазик и правопис, историчар, етнограф, публицист, собирач и проучувач на македонското народно творештво.
„Тој се појавува во вистинско време – во време на самоосознавање на Македонците. Во своето најзначајно дело, книгата ‘За македонцките работи’, во петтата статија во врска со основата за македонскиот литературен јазик ќе истакне дека ‘околу централното наречје треба да се групираат сите наши научни и литературни сили за да го очистат и да го обогатат со сокровиштата од другите македонски наречја и да создадат од него еден убав литературен јазик.“ – рече Јованова-Грујовска.
Во рамките на „Отворените денови на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, годинава ќе бидат одбележани и 95 години од раѓањето на Гане Тодоровски и 90 години од раѓањето на Петре М. Андреевски.
Во своето обраќање на манифестацијата „Отворени денови на Институтот за македонски јазик“ министерката за образование и наука, Весна Јаневска посочи и дека Министерството за образование и наука ќе финансира научни проекти и особено внимание ќе обрне на учењето на македонскиот јазик како заеднички јазик на разбирање во земјата.
На „Отворените денови на Институтот за македонски јазик“ академик Катица Ќулавкова, говореше за историјата на македонскиот јазик.





