Јаневска: Волшебно стапче да има, новата Влада не може да обезбеди нови учебници до септември

Учениците од седмо одделение нема да добијат нови учебници од септември, соопшти новата министерка за образование Весна Јаневска.



Не само што ниту еден учебник за седмо одделение не е даден за печатење туку огромен број од нив не се одобрени. Некои не се ни напишани, не е креиран учебникот. Некои не поминале ни рецензија. Волшебно стапче да имаме ние до септември како Влада не можеме да стигнеме да обезбедиме учебници за седмо одделение. Од тука, веќе неколку дена траат преговорите и разговорите со Бирото за развој на образованието  за да го надминеме овој проблем со идејата дека децата и оваа година треба да учат од старите учебници односно од учебниците што се користеле оваа година“, рече министерката Јаневска која денес беше дел од годишниот настан „Разговори за еднаквост“ во организација на Државната комисија за спречување и заштита од дискриминација.

МОН бара алтернативи и конечното решение ќе се соопшти наскоро. Една од опциите е дека децата од септември ќе учат од ланските учебниви, но мора да се провери дали одговараат на програмата и дали се компатибилни на концепцијата.

– Ќе ја одложиме концепцијата за седмо, осмо и за деветто. Ако некоја тема не е соодветна во учебниците, наставниците ќе треба да им посочат друга литература и да им ја предадат темата – рече Јаневска.