Јакимовски: Кривичната пријава против мене е политички мотивирана

Само еден ден откако Министерството за внатрешни работи издаде кривичната пријава за градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски и уште петмина од општинското биро за урбанизам, со наводи дека на правно лице кое ги раководело тениските терени во „Александар Палас“ му дозволиле истите да ги легализира, иако биле времени објекти, тој излезе со став дека тие не се виновни и како што вели  објектите не биле времени. 



Како што објави МВР, градоначалникот и вработените му овозможиле на правно лице да легализира тениски игралишта, иако тие како привремени објекти не биле предмет на легализација, при што фирмата се стекнала со противправна имотна корист во износ од 147 341 700 денари.

  • Јас и моите колеги тврдиме дека овде постапката е спроведена согласно законските прописи и дека нема никаков правен пропуст и дека ова е само еден обичен политички обид предлокалните избори“, рече Јакимовски.

Од Општина Карпош нагласуваат дека стручните служби од општината го разгледувале предметот за легализација на спортските објекти на хотелот „Александар палас“ со внимание и оти тој бил решен согласно законските прописи.

Оттаму се убедени дека кривичната пријава ќе биде отфрлена како недопустлива од причини што надлежните општински органи правилно ги утврдиле фактите и извршиле легализација согласно законските прописи што ги донела владата на Никола Груевски.