На социјалните мрежи вечерва се споделува информација дека се демонтира скулптурата на Александар Македонски од холот на аеродромот кој сега го носи името Меѓународен аеродром Скопје.
Пред пет дена фирмата ТАВ, која стопанисува со скопскиот аеродром, почна со демонтирање на „старото име“ на аеродромот, кој неколку години го носеше името „Александар Велики“.
Нешто порано почна отстранувањето на шесте патокази кон аеродромот и уште 19 на автопатот, кој во иднина ќе се вика „Пријателство“ наместо досегашното „Александар Македонски“.
Со одлука на Владата и со образложување дека Македонија демонстрира подготвеност за градење мерки на доверба со Грција, беа сменети имињата на скопскиот аеродром и на автопатот.
Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас најави дека (сега кога името на аеродромот е сменето) од Атина ќе дојде во Скопје со авион и тоа би бил прв лет на оваа релација по подолг период.





