Ѓурчевски: Дивеењето и кинење и палење на државното знаме се искажување територијални претензии

 

Со години се познати сценарија во кои мали исценирани инциденти прераснуваат во масовни демонстрации и подоцна во сериозни состојби на дестабилизација на државно ниво вели за последните инциденти во Скопје и Куманово по повод одбележување на албанското знаме, вели Љубомир Ѓурчевски, магистер и експерт по безбедносни науки.



„Непочитување на Законот и на Уставот беше причина и во гостиварските настани во далечната 1997 година. И тогашните инциденти и оние во 2001-та, но и инцидентите што потоа се развиваа со непоставување на македонското државно знаме на јавни собири, спортски манифестации итн. беа со цел и создаваа постојано кризни состојби“ потсетува Ѓурчевски во изјава за „Нова Македонија“.

„Се поставува прашањето кому и за што му се потребни тие безбедносни кризни провокации, состојби и држење на Р Македонија во постојана тензична состојба со закана по безбедноста на граѓаните, па и со недефинирана состојба за опстанок на РМ како суверена држава во изразен период на територијални, идентитетски, историски, културни и јазични негирања од соседите и молкот на западните моќни држави, кои наводно ни се стратегиски партнери.

Тука треба да ја бараме спрегата на насилниците за кои постојат основани сомненија дека се во тесна спрега со политичките елити, кои им гарантираат неказнивост. Огромен е тој проблем што им се наметнува како баласт на граѓаните на Македонија (Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби итн.) и на самата суверена држава Македонија.

Дивеењето и кршење на Уставот и на законите со кинење и палење на државното знаме и јавно извикување пароли за негирање на државата, како и предизвикување национална нетрпеливост, се искажување територијални претензии – оценува Љубомир Ѓурчевски, кој има и повеќедецениско практично искуство во вакви манифестации.
Според неговите опсервации од теренот и местото на случување на инцидентите, биле забележливи елементи што ја идентификуваат спрегата на политичките елити со водачите на толпата и со демонстрантите-вандали.