Ѓорчев го информира Стејт департмент за ситуацијата во Македонија

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, денеска во Вашингтон се сретна со Метју Палмер, директор на Канцеларијата за јужна и централна Европа на Стејт департмент, придружуван од Џошуа Луис и Елејн Хенсл од канцеларијата за Македонија.



„На средбата пратеникот Ѓорчев го истакна значењето на стратешкото пријателство на Македонија со Соединетите Американски Држави, како и долгогодишната соработка меѓу двете земји во одбраната и во делот на меѓународните мисии во кои учествуваше АРМ. Исто така, стана збор за евроатлантската интеграција на Македонија, односно членството на Македонија во НАТО и ЕУ. Пратеникот Ѓорчев го информираше соговорникот од Стејт департментот за последните случувања поврзани со бројните притвори, затворања и упади во домови на пратеници од Собранието на Република Македонија, познати актери, музичари, административни работници и други службеници, кои се актуелни во Македонија. Исто така, Ѓорчев се осврна на бројните нерегуларности за време на последните локални избори, како и на неколку случаи на изборно насилство кои не беа санкционирани од страна на актуелната власт“, соопшти партијата, додавајќи дека “во наредниот период ќе продолжат контактите, соработката и комуникацијата со Стејт департментот во насока на одржување и продлабочување на стратешкото сојузништво меѓу САД и Македонија“.