Што разговарал Димитров со првиот советник на Меркел?

Во последните 2 години односите меѓу Берлин и Скопје паднаа на најниското ниво а причините за тоа треба да се бараат во долгата политичка криза во времето на ВМРО – ДПМНЕ  и острите изјави против Германија од страна на претседателот Иванов, се вели во информацијата на бугарската новинска агенција „News front“.



Според агенцијата посетата на шефот на македонската дипломатија Никола Димитров на Германија треба да донесе поддршка од Германија за реформските зафати на новата влада на Зоран Заев.

Поради тоа, тврди бугарската агенција е организирана средба меѓу Димитров и советникот на германската канцеларка, Кристоф Хојзген кој во кабинетот на Меркел е одговорен за надворешна политика и безбедност.

За разлика од средбата меѓу Димитров и неговиот германски колега Зигмар Габриел за која медиумите пренесоа повеќе информации а се огласи и германското МНР, за средбата со Хојзген кој се смета дека е најмоќниот човек во германската влада на полето на дипломатијата и меѓународната безбедност и кој најверојатно ќе биде следен амбасадор на Германија во Вашингтон, македонските медиуми не објавуваат ниту еден детал.

Освен најавата дека таква средба ќе има засега нема никаква официјална информација што се разговарало на неа.

Непотврдени информации од Берлин велат дека Хојзген е човекот во владата на Меркел кој е задолжен директно да ги следи активностите во прашањето за името меѓу Македонија и Грција и од таму е интересно за јавноста да биде информирана каков е ставот на официјален Берлин за ова важно прашање и за Македонија, регионот но и за Германија како водечки фактор во ЕУ.

Пред речиси 4 години во ноември 2013 година за многумина неочекувано канцеларката Меркел во Берлин на нејзина иницијатива се сретна со медијаторот во спорото за името Метју Нимиц по што се зголемија шпекулациите дека Германија директно се вклучува во спорот за името.

Од тогаш до сега јавноста не беше информирана за било какви конкретни активности на германската влада во овој правец.