Македонскиот фудбалски првак налета на извонредно расположениот Реал Сосиедад кој го разби Вардар на Филип втори со 6-0. Гостите беа побрзи, подобри, поумешни и се што може да се замисли, или што го прави модерниот фудбал, и впечаток е дека можеа, ако им беше потребно, да слават и со двоцифрена разлика.



Падот на Вардар во формата е драстичен во однос на летните партии во истата Лига Европа, со тоа што квалификациите очигледно биле едно, а натпреварите во групата фаза во вториот европски клупски куп нешто сосема друго.

Мечот од третиот круг во составот Л беше решен за едно полувреме. Ојразабал отвори во 12 минута, по што на сцена стапи единствениот класичен напаѓач кај гостите Вилијан Хозе кој погодуваше во 34 и 42 минута за 0-3 на полувреме. Истиот играч продолжи со нови погодоци во 55 и 59 минута, а точка на дебаклот на Вардар стави Де Ла Бела во 89 минута.

„Беа многу подобри, иако и јас направив неколку грешки во поставување на екипата“ рече тренерот на црвено црните Чеде Јаневски по мечот иако во дополнителното објаснување никого не убеди дека станува збор за нешто грешно во тренерскиот концепт.

„Вардар не е толку лош. Поведовме на време, тие не ги искористија своите две шанси за изедначување, а потоа се беше полесно“ изјави гостинскиот прв човек на клупата Еузебио Сакристан.

Во нашата група Л освен мечот на Вардар и Реал Сосиедад 0-6 се одигра и средбата Зенит-Розенборг 3-1, по што Русите водат со 9 бода, пред Шпанците кои поседуваат 6, Норвежаните со 3 и на крај е македонскиот тим без освоен бод.

Следниот меч за Вардар е на 2 ноември преотив Реал Сосиедад на Аноета стадионот во Сан Себастијан.

https://youtu.be/A5pVnHO5hGc