„Мислам дека изјавите на господинот Димитров за време на преговорите не помагаат, бидејќи тој знае многу добро, а за овие работи разговараа и двајцата лидери, господата Заев и Ципрас, дека постојат конкретни барања, политички барања, за да можеме да стигнеме до заемно прифатлив договор“, изјави портпаролот на грчката Влада, Димитрис Ѕанакопулос, коментирајќи ги ставовите што вчера ги изнесе шефот на македонската дипломатија по средбата со медијаторот за името Метју Нимиц во Скопје.



Во интервју за државната телевизија ЕРТ гласноговорникот на Владата во Атина рече дека новата македонска влада во последните месеци „има променето низа изјави од минатото, има усвоено поумерена позиција и тоа помогна преговорите да одат напред и да се создаде добра клима меѓу двете земји“.

Ѕанакопулос рече дека во преговорите Атина смета оти постојат три различни прашања за кои разговара, односно „три основни столба на грчките позиции“.

„Првото е сложено име. Второто е она што го нарекуваме ерга омнес, односно кон сите, сложено име за севкупна употреба, што го вклучува и соседот, што значи дека е неопходна уставна ревизија за да може ова ерга омнес да се реализира. И третото е она што се однесува на иредентизмот, што исто така се поврзува со уставна ревизија. И мислам дека добро ќе биде да не го предвидуваат резултатот и да не поставуваат црвени линии“, потенцира Ѕанакопулос.